| |
|
ЛОКАЛНА ЗАЕДНИЦА
Општина Свети Николе
Местоположба
Општина Свети Николе го зафаќа централниот
дел на Република Македонија и се простира меѓу општините Велес, Лозово,
Штип, Карбинци, Пробиштип, Кратово, Орашац и Петровец. Нејзината територија
се поистоветува со областа Овче Поле. Овче Поле е котлина која што лежи
во сливот на Светиниколска Река, десна притока на Брегалница, на 41052,
северна географска ширина и 19022, географска должина, источно од Гринич.
Површина и население
Според пописот на населението од 1994г.,
во општина Свети Николе на површина од 480км2, живеат 18.487 жители, односно
38,5 жители на км2. Најголема концентрација на населението е во административниот
центар Свети Николе-13.280 жители, а останатите 5.207 жители живеат во
31 селска населба. Распоредот на жителите и во селските населби не е рамномерен,
имено бројот на жители во нив се движи од неколку лица до над 800 жители
во поголемите села.
Во општина Свети Николе живеат претежно Македонци, а помалубројни се Власите,
Ромите, Турци, Срби и др.
Климатски услови
Овчеполската Котлина се одликува со
топли лета, со умерено ладни зими, со повремени екстремно ниски и високи
температури, зголемено екстремно температурно колебање и со потопла есен
од пролет. Забележани се високи температури, до 44 С и ниски, до -23 С.
Карактеристични се силни ветрови од северозапад, север, југоисток, кои
што дуваат преку целата година.
Овчеполската Котлина спаѓа во подрачјата
со мали годишни количини на врнежи и се одликува со голема зачестеност
на сушни периоди. Просечната годишна количина на врнежи изнесува 400-500мл/м2
годишно.
Природно-географски одлики и хидрографија
Овчеполската Котлина е брановито издигната
во однос на долината на Вардар и Скопската Котлина. Просечната надморска
висина е 200-400м, а највисоко место е Ѓуриште на 856м надморска височина.
Котлината претставува рамнина мошне оголена и безводна.
Во хидролошки поглед Овчеполската
Котлина припаѓа на сливот на р. Брегалница. Најголем воден тек претставува
Светиниколска Река. Таа се состои од три крака: Мавровица, Караташ (Црн
Камен) и Периш. Овие три крака се составуваат во средишниот дел на Котлината
кај Свети Николе. Оттаму течат во меридијански правец како Светиниколска
Река.
Светиниколска Река и нејзините
притоки имаат карактер на буици. Поголеми и матни води настануваат во
пролет по отопувањето на снегот и за време на големи поројни дождови.
Овчеполските рекички, од пред триесетина години, во летните месеци, поради
големото испарување и намалување на врнежите наполно пресушуваат.
Во месноста Алин Дол на р. Мавровица, во 1981 г., изградена е акумулација.
Водата од акумулацијата се користи за водоснабдување на Свети Николе.
Стопанство
Населението претежно се занимава со земјоделство,
а од индустријата застапени се прехранбената, текстилната и индустријата
за градежни материјали. Од прехранбената индустрија застапени се месната
индустрија, индустријата за конзервирање на зеленчук и овошје, пекарската,
млечната индустрија, индустријата за дехидриран зеленчук, индустрија за
ферментација на тутун и индустрија за сточна храна, со што процесот на
земјоделско производство целосно е заокружен. Од земјоделските култури
најзастапени се: житните култури, индустриските, раноградинарските култури
и виновата лоза, а од сточниот фонд: овчарството, говедарството, свињарството,
живинарството и пчеларството.
Структура на земјоделско земјиште
Вкупната аграрна површина на општина Свети
Николе изнесува 44.278 ха. Од неа на обработливо земјиште отпаѓаат 24.360
ха или 55%, пасиштата, пак, заземаат површина од 13.904 ха или 31.4%,
а на шумите отпаѓаат само 6.014 ха или 13.6%. Карактеристични за овој
регион се засолените почви кои зафаќаат 1150 ха.
Поголеми применети агромелиоративни мерки
се системот за наводнување ,,Брегалница" (во јужниот дел), полезаштитните
појаси и канал за одводнување на засолените почви, во југоисточниот дел
на Котлината.
Историски преглед
Свети Николе, како централно место на поголемиот
дел од Овче Поле, како населба датира уште од античкиот период. Првобитно
населбата била лоцирана североисточно од денешната црква Свети Стефан.
Поради мочурливото земјиште и нездравите услови за живот во крајот на
III век пред н. е. населбата била дислоцирана на десната страна на Светиниколска
Река, во месностите: Рудина, Свети Спас и денешно Рецко маало во градот.
Најверојатно античкото име на населбата било Пробатон. Во VII век таа
го променила името во Овче Поле. Во средновековните пишани извори, прв
пат, Овче Поле како населба (тврдина), и пошироко, Овчеполието како област,
се споменува во XIII век. Во 1246 г. никејската војска, покрај другите
места во Македонија, го зазела и Овче Поле.
Неколку години подоцна (1255) Никејскиот
владетел Теодор Ласкарис, откако му се предал гарнизонот во Велес, се
упатил со војска во Струмица преку Овче Поле. В. Мошин меѓу освоените
тврдини од царот Теодор Ласкарис ја набројува и тврдината Овче Поле.
Во 1282 г. српскиот крал Милутин (1282-1321) покрај Полозите, Скопје,
Злетово и Пијанец го зазел и Овче Поле.
Во 1292 г. во населбата, која се уште го
носи името Овче Поле, била изградена црквата посветена на чудотворецот
свети Николај. За црквата е поврзана легендата за чудотворното излекување
на Стефан Дечански ,,... И на Овчем Пол? свети Никола очи ??му дарова
вI црIквi ...".
Свети Николе се споменува и во даровницата
на браќата Дејановци од 1378 г., со која се потврдуваат даровите на манастирот
свети Пантелејмон во Света Гора.
Во пописниот тапу дефтери на Ќустендилскиот
санџак од 1570 г., Свети Николе е именувано со И-с-в-и Н-и-к-о-л-а.
Во шеесетите години на XVII век, турскиот
патеписец Евлија Челеби на два пати престојувал во Свети Николе.
Топонимот Свети Николе се развивал низ вековите.
Прво населбата била позната со името Пробатон. Од VII век Овче Поле, со
изградбата на црквата Свети Никола, почнало да се одомаќинува името Свети
Николе по црквата. За време на турското владеење населбата била со две
имиња, Свети Николе, за христијанското (македонското) население и Клисали,
за Турците.
Дури во првата половина на XIX век, поточно во 1845 г., Свети Николе се
здобило со пазарен ден и прераснало во гратче. Во него тогаш се одвивала
жива трговија за откупување на жито и ситен добиток, па затоа почнало
популациски да расте и веќе во 1900 г. броело околу 2500 жители.
Помеѓу двете светски војни Свети Николе
имало аграрно-занаетчиска функција, која денес е изменета со развитокот
на некои терцијални дејности.
Археолошки истражувања
Водотеците во Овчеполската Котлина се населени
од праисторијата, односно од Неолитот, што е потврдено и со археолошките
истражувања. Разновидните предмети што претставуваат сведоштво за неолитската
култура, засега се откриени на локалитетите: Барутница (Амзибегово), Руг
Баир (Горобинци) и Алин Дол (Немањици). Постојат индиции дека покрај водотеците,
односно во нивна близина, во антиката постоеле и поголеми населби (градови),
како на пример Билазора, Алмана и др.
Најстари жители на овие краишта биле Пеонците,
кои го населувале просторот меѓу реките Аксиј (Вардар) и Стримон (Струма).
Локална самоуправа и НВОи
Во локалната самоуправа на општина Свети Николе
учествуваат Градоначалникот и членовите на Советот на општината, како
и претставници на подрачните единици на соодветните министерства, државни
фондови, јавни претпријатија и други институции.
Општина Свети Николе има силно невладино движење
кое што опфаќа повеќе области: заштита на животна средина, женски права,
човекови права, активности на извидниците, млади и спорт, аграрни прашања
и сл.
Најуспешни организации се: ЕД ,,Изгрев",
Општинска организација на жени, Здружение на Роми, Извиднички одред ,,Гоце
Делчев", Здружение на полједелски производители, Здружение на одгледувачи
на крави, Здружение на одгледувачи на пчели ,,Полен" и други.
При реализацијата на нивните програмски активности
ги подржуваат и учествуваат претставници од локалната самоуправа и бизнис
секторот.
Еколошки приоритети
Граѓаните на општина Свети Николе, под координација
на членовите на ЕД ,,Изгрев", изработија Локален еколошки акционен
план за општина Свети Николе каде ги идентификуваа еколошките приоритети:
- Квантитет и квалитет на водата за пиење;
- Загадување на Светиниколска Река;
- Квалитет на храна од растително и животинско потекло;
- Недоволен шумски фонд и
- Депонирање на цврст отпад.
Како посебен приоритет е ниската еколошка
свест, кој е присутен кај сите горенаведени приоритети. ЛЕАП нуди решенија
за еколошките приоритети, кои со инволвирање на целокупната заедница,
ќе дадат реални, видливи и трајни еколошки подобрувања на состојбата со
животната средина.
|
|
|